уторак, 23. октобар 2012.

Настан во село Пожаране кој заслужува посебно и должно внимание. На ден 10 октомври 2012 година во попладневните часови, повеќе вековното дрво кое беше сведок на многу случувања, настани и личности и кое одбележуваше едно минато  време на  селото под „Шара“ -падна.
 
 
 
  
Чинарот по неговиот пад
 Симболот на Пожаране- Чинарот, со латинско име Platanus orientalis беше висок над 20 метри, распонот на гранките исток-запад , север- југ повеќе од 15 метри и со огромен пречник на стеблото во корен. Според легендите и преданијата, пожаранци верувале дека Чинарот го засадиле учениците на  „Св Климент Охридски“ кој кога поминувал по патот „Виа Игнација“ престојувал во месноста „Климентија“ . И навистина, научно е потврдено дека староста на дрвото е приближна со онаа на доаѓањето на Св Климент“ тука во месноста „Климентија на село Пожаране, или пред  околу 850 години.
Коренот, стеблото и гранките на чинарот 
Чинарот отсекогаш бил омилено место за среќавање и дружење. Тука на ова место за време на велигденските празници, овој чинар преставувал чадор под чии крошни закрила барале младите невести променети во свечени селски носии како и останатите помлади  и постари жители на село Пожаране,  каде од раните утрински часови па до доцна навечер, придружувани од писокот на зурлите и татнежот на тапаните  се пееле велигденски песни, собирале пролетни цветови и се нишале на нишалките поставени на огромните ветки на дабовото дрво..
Остатоци од паднатиот чинар
Од падот на чинарот дури и земјата се затресе. Прилично вознемирени излеговме од своите домови за да видиме што навистина се случи во тој момент-беше коментарот на еден повозрасен жител на селото.

Чинарот во село Пожаране преставуваше извонредна природна реткост, и токму затоа требаше да добие заштита и грижа од државата. Тој воедно беше  и достоен примерок за височината и ширината на природата и селото Пожаране.
Отсекогаш ова место било атрактивна локација за посетители и викедаши

За жал бронзените споменици и понатака останаа поважни од спомениците на природата. Бидејќи во својата многувековна историја овој чинар видел многу човечки радости и маки, сметав  дека е потребно, вистината за неговото постоење јавно да ја објавам на страниците на интернет и со тоа истата стане достапна до сите пожаранци и пријатели на село Пожаране, било и каде да се во светот.
 
Околината на чинарот изобилува со природни убавини
Дали падот на чинарот во иднина ќе се прикажува  како божји прекор за човечката негрижа кон ваквиот дар на природата и исклучителната природна реткост, или можеби е господов предзнак за нешто ново и убаво што би можело во иднина да се случува во месноста „Климентија“ на ова село, останува да видиме.
________________________
Боге В. - автор на текстот



 Преостанати блогови за село Пожаране: